БОШ Фестивал 29–30.08
Галерија Градски амам 29.08 / 20:00 часот
„поПуст“ – Марија С. Богдановска / изложба на цртежи во комбинирана техника и инсталација
Во проектот „поПуст“ концептот се базира врз моќта на потрошувачкото општество на нашите простори. Водечкиот акцент ќе биде ставен на нагласувањето на разликите во економската моќ на жените во сите сфери на нашето општество, разликите и како тие разлики влијаат врз нивниот емоционален, социјален и културен живот. Колку финансиските придонеси на жената се преиспитуваат во време на сезонските „попусти“ и како тие придонесуват за нивно „потврдување“ и „вреднување“. Со серија цртежи во комбинирана техника и инсталација, која ќе го поврзе просторот, проектот „поПуст“ ќе има интерактивен карактер што кај публиката, реципиентот, ќе побуди размислувања и себепреиспитувања дали тој самиот е на попуст, делата се на попуст, културата, а можеби самото општеството.
Марија Сотировска Богдановска е доцент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Зад себе има две награди: едната 2005 год. „Втора награда на Светското Арт биенале“, одржана манифестација во Музеј на Град Скопје и специјална награда „Понтедипјетра“ на Паратисима, одржан во МКЦ, Скопје. Стои зад седум свои самостојни изложби, три со групата АРТ- И.Н.С.Т.И.Т.У.Т., тринаесет со колективот МОМИ и безброј групни изложби. Има работено и како сценограф на балетската претстава „Рајмонда“, МНТ, Скопје.
Дом на култура / 20:00 часот
„Street Dreaming“ – Столе Ангелов / изложба на фотографии
Колекција на улични фотографии направени во повеќе градови низ Европа и Балканот. Kонтрасти, композиции и слики од навидум обичниот секојдневен живот на улицата и градот, кои врамени раскажуваат нова приказна, вистина или состојба.
Столе Ангелов е роден 1979 год. во Струмица, a во студентските денови пројавува интерес за фотографија. Професионално како фотограф работи 15 години, а со видеографија и монтажа 5 години. Бил дел од повеќе државни и меѓународни изложби и неколку самостојни изложби. Досега има остварено бројни успешни видеопроекти и е коавтор на еден долгометражен документарен филм. Активен учесник и поддржувач на локалната независна и културна сцена.
„На флипери“– Јован Гаковски / видео-арт
Видео-арт составен од глич-монтажа на флипер-игри од 90-тите, што на ритам на музика раскажува визуелна приказна од „Start Game“ до „Final Boss“.
Ова видеодело претставува монтажа составена од фрагменти од видеоигри за флипер-апарати од 90-тите години. Сè се одвива во ритам на музика, следејќи структура на класична видеоигра: започнува со „Start New Game“, потоа следуваат „Level 1“, „Level 2“, „Level 3“ и на крај – „Final Boss“. Во текот на видеото, различни игри се менуваат меѓусебно преку глич-ефекти – визуелни прекини и изместувања – со што се создава впечаток на едно истовремено хаотично, но уметнички организирано искуство. Сликите, звуците и карактерите се дезортирани (изместени од контекст), но заедно формираат кохерентна аудиовизуелна композиција, која потсетува на детството, носталгијата, и дигиталната меморија што полека се расипува.
Јован Гаковски е ликовен и перформативен уметник. Дипломиран графичар со сценографија во класата на проф. м-р Мирко Вујисиќ, при Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Од 2022 е член на „Партизанска штампа”. Досега има учествувано и настапувано на повеќе групни изложби и перформанси во Македонија и странство.
„Телото во простор“ – Кристина Дебси / изложба на слики
Телото во простор е изложба на Кристина, која преку цртежи со акрил и колажи го истражува телото како субјект што го трансформира просторот околу себе. Делата ја преиспитуваат традиционалната визуелна претстава на женското и машкото тело, сместувајќи ги во светови изградени од архитектонски елементи и надреалистички мотиви. Просторот не е само позадина, туку активен учесник во дијалогот со телото – хаотичен, шарен, интимен.
Кристина црта од најрана возраст, а првите часови по цртање ги посетува уште во основното образование. Иако дипломирала Меѓународни односи, нејзината уметност е длабоко поврзана со феминистичките идеи и личната потреба за уривање на телесните стереотипи. Архитектурата има централно место во нејзината визуелна мисла – како форма, како простор и како симбол.
Изложбен салон на арт-книги:
„Trash Treasure“ – Илина Ѓорѓиевска / Партизанска штампа, Скопје 2025
„Void“ – Иван Ивановски / Флип бук, Скопје 2023
„Печат“ – Група автори / Арт еквилибриум, Скопје 2021
„Doberman“ – Igor Hofbauer / Klub Močvara, Zagreb 2024
„Valium“ – Valium / Matrijaršija, Crna Hronika, Belgrad 2024
„Društvo loše sreće“ – Tužni Marin u čizmama / Smak Press, Zagreb 2025
„Andrea’s bolus noise book“ – Andreas Bolus/ Longest night,Geteborg 2024
„Lonesome Testicle“ – Jerome Records / La Dernier Cri, Marseille 2022
„Apanha Nos de Surpresa“ / Arara, Porto 2023
Филмски проекции
„Лука“ (29’50”) – документарен филм / продукција на Здружение за култура Транзен
Филмот „Лука“ го прикажува животот на група млади музичари од Струмица, кои во кризни времиња за опстојување на алтернативната културна сцена се борат да најдат начини за израз на својата музичка креативност и иновативност. Во времиња на бесконечна општествена транзиција, младите уметници се принудени да бараат алтернативни патишта за творење и презентирање на својата авторска уметност, а истовремено му пркосат на потрошувачкиот свет во кој владее „тезгата“ како евтин и брз начин на практицирање култура, свет што има негативно и погубно влијание врз развојот на автентичната и чиста авторска креација. Сценариото е на Никола Пијанманов, а режијата на Ице Виранов.
Ице Виранов е роден во Струмица, 1983. Филмски и телевизиски автор, зад себе има повеќе филмски проекти.
Никола Пијанманов дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во класата на Рубенс Корубин 2005 год. Реализирал повеќе самостојни и групни изложби во земјата и во странство, како и многу јавни дела во простор. Активно се занимава со сликарство, скулптура и сценографија.
„Blue Hour“ (18’27”) – краткометражен филм / Ана Јакимска
Петра, девојка со потекло од мало провинциско гратче, го живее својот сон во Скопје. На предновогодишната забава организирана од компанијата во којашто работи таа се впушта во романтична авантура со колегата што ѝ се допаѓа. Но, во исто време во посета ѝ доаѓа мајка ѝ. Ова совпаѓање на настаните го става на тест односот помеѓу мајката и ќерката и го разнишува светот на Петра. Растргнатоста на Петра помеѓу соништата и реалноста го отсликува и судирот помеѓу два различни концепти на живеење, модерните текови на животот во градот и конзервативните убедувања на луѓето.
Ана Јакимска е филмска режисерка и писателка што живее помеѓу две многу различни метрополи, Скопје и Лондон. Нејзиниот дебитантски филм „Ќе дојдат децата“ беше во официјалната селекција на Шангајскиот филмски фестивал во 2017, а беше награден и прикажан на повеќе од 50 светски фестивали. Во 2022, Ана ја доби престижната стипендија Чивнинг, доделена од Британското министерство за меѓународен развој. Во 2023 успешно ја заврши мастер-програмата за Режирање фикција на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон. Нејзиниот дипломски филм „Нема духови во туѓина“ беше успешно финансиран преку јавна донаторска кампања и е основа за развојот на нејзиниот дебитантски долгометражен филм
„Само ѓаволот мрази вода“ (17’) – краткометражен филм / Лидија Мојсоска
Пријателството на Борис и Кира е ставено на тест, кога Борис под влијание на неговата баба, почнува да се сомнева дека неговата другарка е опседната од Ѓаволот. Ова ќе го натера да се посомнева и во нејзината искреност, сѐ додека Кира не му ја открие тажната вистина за нејзиниот живот.
Лидија Мојсовска е македонска филмска режисерка, која дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Отсекот за филмска и ТВ-режија. Нејзиниот дебитантски краткометражен филм „Наградата“ (2017) раскажува приказна за 10-годишно албанско муслиманско момче по име Арбен, кое учествува во христијански религиозен натпревар за да ја освои наградата од 10.000 денари и да му помогне на својот болен брат. Филмот бил прикажан на повеќе од 50 фестивали и освоил 18 меѓународни награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобар балкански филм на Балканскиот филмски фестивал во САД.
Нејзиниот најнов краткометражен филм, „Само ѓаволот мрази вода“ (2022), беше развиен на Европскиот краткометражен пич 2019 и имаше премиера на ПОФФ Шортс Меѓународниот фестивал за кратки филмови и анимација во 2022 година.
Кафе бар У / 22:30 часот
Martchin – ДЏ-сет
Martchin е музички образован од рана возраст и неговата активност низ годините вклучува учество во радиостаници, списанија, фестивали. Како диџеј, активен e на електронската музичка сцена уште од 2003 година. Неговите сетови се карактеризираат со еклектична и внимателно изградена наративна структура, движејќи се низ различни жанрови – од електроника, leftfield house и techno, амбиентални текстури и индустриски ритми. Својата селекција ја темели врз длабоко познавање на историјата и контекстот на електронската музика. Неговото присуство на сцената е маркантно, со богато и разновидно портфолио. Дел од музичарите со кои настапувал и делел сцена се: Ontal, Lag, Jan Nemecek, Le Chocolat Noir, Alec Empire, T. Raumschmiere, Anstam, Monolake, Anthony Rother, Headless Horseman, Sascha Funke, Electric Indigo, Terence Fixmer, Octave, Polar Inertia, DoubtingThomas, Ness, Brando Lupi, Deepbass, Shackleton, Rommek, Torn Relics, Bas Mooy, SHXCXCHCXSH, Vatican Shadow, NHK’Koyhen, Øresund Space Collective.
Во рамки на седумнаесетото издание на БОШ Фестивал, Martchin ќе настапи со музички сет од Leftfield House & Techno, EBM/Italo Body Music и Indiediscotronica.
https://soundcloud.com/martchin-martchin
https://www.mixcloud.com/martchin-triffo/
Стар пазар 30.08 / 20:00 часот
„Естетика, постмодернизам и филм“ – Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков / проекции и дискусија
Оваа година, БОШ Фестивалот повторно го отвора своето платно кон радикалното, неконвенционалното и храбро автентичното – вечерта посветена на ЕСТЕТИКА, ПОСТМОДЕРНИЗАМ И ФИЛМ ќе ги спои субкултурните сензибилитети, аудиовизуелната хибридност и урбаната магија на маргините.
📽 „Мангава диско панк“ – премиера
„Мангава диско панк“ (ром. превод: „Го сакам диско-панкот“) е експлозивна драма/фикција, која го следи единствениот панк-рок бенд во ромското гето Шутка.
Фронтменот Елвис, крстен по кралот на рокенролот, но закован во урнатините на посттранзициската реалност, се соочува со љубовен неуспех, семејно отфрлање и егзистенцијална празнина. Во една халуцинантна, психоделична ноќна секвенца, Елвис Присли му се јавува како таксист од Шутка и го води низ лавиринтот на неговата свест – навидум банален урбан мит што станува метафора за бунтот, идентитетот и потребата за глас.
Филмот нè фрла во кичестите, но и болни реалности на постмодерниот Балкан, каде што границите помеѓу документарното и фиктивното, сатирата и трагедијата се целосно избришани.
🎞 „The Hip – Reality Overdrive“
Следува експерименталниот видео-албум – „The Hip – Reality Overdrive“, визуелен омаж и паралелен универзум инспириран од вториот албум на алтернативниот состав The Hip.
Режисерот Јане Алтипармаков, во соработка со сценаристот Љубиша Петрушевски, го создава ова хибридно, асоцијативно дело – арт-мозаик преполн со музика, слики, филмски цитати и поетика на постмодерната фрагментација. Камерата на Наташа Гелева и монтажата од Картер, Стефановски и Илиевски градат аудиовизуелна текстура што не само што го претставува албумот, туку и ја преведува неговата енергија во синестетичко искуство.
Во улогите се појавуваат Ања Илиева и Сања Костовска, а музиката е целосно дело на Д Хип. Овој проект, добитник на награда за придонес во алтернативната македонска сцена (МАН), претставува документ од едно време, но и визија за иднината на експерименталниот филм.
🎬 Вечерта ќе заврши со кратка дискусија за постмодерната естетика во локалниот контекст и потенцијалот на маргинализираните гласови да ја редефинираат самата форма на филмот.
Добре дојдовте на БОШ – каде што реалноста се преформулира, а естетиката е оружје.
Јане Алтипармаков, роден на 14.08.1977 во Скопје, каде што живее и работи, студирал Филозофија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Културолошки студии на Евроколеџ, а дипломирал Филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје, во класата на проф. Столе Попов во 2005.
Филмски работник, музички проследувач, професор по теорија на филм и критичар/арт теоретичар. Потписник на стотина текстови од областа на филмот, независната музичка сцена и културата, објавени во повеќе домашни магазини, дневни весници и портали. Повеќегодишен музички соработник во независното радио Канал 103. Како режисер и продуцент се потпишува на повеќе документарни филмови, кратки форми и видео записи. Добитник на наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена (The Hip-Reality Overdrive), и на специјалната награда за музички филм (The Hip-Brainstorm). Работи и како фото-документарист.
Саша Станишиќ, филмски режисер, писател и професор од Скопје. Дипломирал Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, како и Филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Се потпишува како режисер на повеќе кратки филмови: Долу од Рајот, Мангава диско панк (дел од омнибусот Скопје ремикс), Кавал (краток анимиран филм), PS Busan (снимен со целосно корејска екипа како дел од режисерската резиденција во Бусан, Јужна Кореја). Автор е на збирката раскази „Скиселени тикви“. Тој е професор по Филмска и ТВ-режија при катедрата за Филмска и ТВ-режија при интернационалниот Универзитет Еуропа Прима во Скопје.
„Колатерална штета“ – Ице Капсаров / визуелна инсталација
Светлината се сеќава на она што себството се обидува да го заборави.
Во оваа имерзивна инсталација, проектираната светлина е и сведок и рана – ги следи контурите на она што останува кога јадрото се распаѓа. Потресни слики се разлеваат по ѕидовите, исчезнувааат во сенка, се кршат како сеќавања под притисок. Овие дела не викаат. Тие треперат. Тие прогонуваат. „Колатерална штета“ ве повикува во простор каде што убавината и насилството коегзистираат – не во рамнотежа, туку во напнатост. Светлината што заслепува, истовремено открива. Овде се осветлуваат перифериите: занемареното, ненамерното, жртвуваното.
Застанете. Оставете фрагментите да се движат околу вас. Нека проговори тишината.
Ице Капсаров е роден 1982 година во Гевгелија. Графички дизајнер со 15+ годишно искуство, работи во областа на визуелната и мултимедијалната уметност. Има учествувано на повеќе групни изложби и проекти. Работи и живее во Скопје.
„Ненаситни“/ инсталација за колаж
Ненаситни е феномен на колажирање пропагандни плакати со цел активна дружба низ сечкање, реобмислување, ангажирање, активирање. Иницијално гурнат од Јана Деловска и Дамјан Илиќ продолжува да се тркала, претворајќи го конфликтот во комуникација, сечкајќи ја пропагандата во критика.
Концерти
Харакири – live
Андреј Димовски – гитара, вокали
Марко Печеновиќ – бас, вокали
Виктор Стојановски – тапани
Харакири е рок-трио од Скопје, формирано во 2021 година. Триото го пронајде својот заеднички јазик во светот на нејасни рифови со брз ритам и силни тапани, кои постепено се развиваат, но завршуваат одеднаш. Нивното прво истоимено ЕП е комбинација од четири песни, сите произлезени од првите неколку џем-сесии на бендот, но потоа внимателно одбрани и преуредени, во обид да добијат поструктурирана и поаголна форма, додека сè уште го задржуваат нивниот иницијален звук.
Пијан Славеј – live
(нова македонска шансона)
Пијан Славеј – глас, гитара
Пеце Трајковски-Брада – гитара, синт
Андреа Мирческа – мини пијано, глас
Гоце Јованоски – бас
Славчо Јовев – тапани
„Пијан Славеј“ е музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата „Фолтин“, заедно со Пеце Трајковски, Андреа Мирческа, Гоце Јованоски и Славчо Јовев, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
Групата е формирана кон крајот на 2021г. Првиот настап го имаат на скопскиот OFFest, а наредната година Скопскиот џез фестивал го издава нивното прво и истоимено ЕП. Понатаму настапуваат на „D-festival“, на фестивалот „Druga Godba“ во Љубљана, Словенија итн. Во 2024 година Скопскиот џез фестивал го издава и нивното второ ЕП, насловено „Нудист“.
„Песни што се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови (од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе со енергијата што се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници, инспиративно слезе до срцевината на македонската поп-сцена од седумдесеттите (во интепретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на Зафир Хаџиманов…), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки.“
Пијан Славеј (а.к.а. Бранислав Николов ) е музички перформер, автор и пејач во групата „Фолтин“.
Како дел од групата, зад себе има десетина студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филма, меѓу кои кандидатот за Оскар, „Медена земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Со љубов“, „Cash & Marry“ и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка.
За својата работа досега е повеќепати наградуван.
2018 г. одржал концерт со Македонската филхармонија.
Кон крајот на 2021 г. го оформува составот „Пијан Славеј“, а настапува и самостојно како кантавтор.
Објавил четири поетски збирки („Креветизам и хоризонтала“, 2018; „Срчки“, 2020; „Полиграф“, 2022 и „Јазик за двајца“, 2024).
Музика – Ѓорѓи Јаневски
* „103 радио репортажа“ – Целодневна викенд радио репортажа од БОШ фестивалот на радио Канал 103.
