БОШ ФЕСТИВАЛ 2024

По шеснаесетти пат, БОШ Фестивалот се манифестира во својот автентичен идентитет со јужен, топол и помалку горчлив вкус со слатко-кисели примеси. Овој пат го славиме принципот на “do it yourself” како мерна единица за животот на алтернативната уметност и се молиме против лекции кои би го трасирале патот кон иднината. Тука сме за да активираме простори за создавање, размена и споделување на култура.

Нека ослепи секое зло!
16-то издание на БОШ Фестивалот
30 август, Гевгелија
Браво, браво машала!

Дизајн на постерот: Andrej Julher

Програма

БОШ 16 festival / 30.08, Гевгелија 20:00 часот

“Comic Glitch Project” – Anestis Mavromatis Paradisis – изложба на цртежи / Дом на културата
Самоук уметник и дипломиран филозоф, роден во Солун, живее и работи во Мадрид. Наградуван во областа на цртањето и илустрацијата, Anestis е љубител на фантастични светови и имагинарни суштества. Меѓу другото сака да црта дворски лудаци, гротескни демони, гноми, жаби и печурки. Обожава да шета низ шуми и да собира илустрирани книги и цртежи. Како што самиот уметник нагласува, особено е среќен што има можност да ја посети Гевгелија и да прикаже дел од своето творештво, презентирајќи илустрации, линорези и стрипови од 2017 до денес.

“Unwrapping” – Ilina Gjorgjievska (Македонија), изложба на колажи / Дом на културата

“Unwrapping” е самостојна изложба на колажи. Комбинирајќи исечоци или искинати парчиња хартија или списанија како мал универзум, во кој коегзистираат и се испреплетуваат различни елементи, формирајќи уникатен свет со нови приказни и значења. Визуелни дневници на лична и интимна трансформација. Метод на приземјување. Ослободување. Секој колаж е патување – од хаос кон ред, или од ред кон хаос. Колажот е и истражување. Самоистражување, тековна состојба, пориви, стравови… што нè опседнува и што нè смирува. Композицијата никогаш не е однапред испланирана, туку се создава самостојно сè до моментот на интуитивно завршување на процесот.

Andrej Julher (Србија) – изложба на графики / Дом на културата

21:30 часот
“Along the course of Suva Reka” – Ivan Ivanovski и Damjan Gyurov (Македонија) – изложба на скулптури / Галерија Аамам

Текот на животот ја длабел земјата по патеките на нашето минување. Скулптурите на оваа изложба се остатоци од тие движења, зацврстени во метал, изгладени во камен.

22:30 часот
DJ сетови од Martchin и Maggi / Кафе бар “U”

БОШ забавата продолжува со техно и хаус музика.